Posted on ноември 12, 2019 in Ставови

Интервју за Фокус – Сашо Лазаровски: Крајната мисија на „Македонскиот концепт“ е на идните поколенија да им оставиме држава, слобода и пари

Сашо Лазаровски е еден од застапниците на новата политичка платформа „Македонски концепт“, која деновиве почна да се промовира во јавноста. Тој е поранешен економски промотор на Агенцијата за инвестиции на Република Македонија, поранешен директор на ЈП „Водовод и канализација“ и поранешен заменик-министер за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ. Лазаровски е член на опозициската партија и советник во општина Карпош. Во интервју за „Фокус“ вели дека крајната мисија на „Македонскиот концепт“ е на идните поколенија во наследство да им се остави држава, слобода и пари.

Фокус: Од каде мотивот да формирате една ваква политичка платформа и што е нејзината крајна цел?

Лазаровски: Каде одевме, како одиме и каде ќе стигнеме? Тоа се три прашања кои секој еден Македонец треба да си ги одговори и да одлучи за својата иднина. Ако не својата барем иднината на сопствените потомци. Многу важно е во чии раце ќе ја оставиме таа иднина. Во чии раце ќе ја оставиме државата. Тоа е мотивот за политички активизам од овој тип. Македонскиот концепт кој е отворен за секој поединец, организација или политичка партија, го истакнува граѓанскиот концепт на државата и современата македонска нација во која сите сме Македонци, без разлика на етнос, вера или политичко убедување. Врвни вредности се државноста, благосостојбата, слободата и правдата. Целта е богати граѓани, кои живеат во фер општество, а само такви се најдобри чувари на државноста. Такви богати граѓани се предуслов за промоција на државниот патриотизам наспроти етно националниот, кој не кара и дели како луѓе. На крај на нашата мисија, сакаме на идните поколенија да им оставиме во наследство држава, слобода и пари.

Фокус: Велите дека концептот е отворен за сите политички партии. Дали ова значи дека ќе излезете надвор од рамките на Вашата матична партија и евентуално ќе ја напуштите?

Лазаровски: Концептот е инклузивен, не исклучува членување во политичка партија и активизам за промоција на алтернативна поквалитетна понуда од онаа на власта, но и од онаа на опозицијата, која целосно е отсутна во тој поглед. Јас конкретно сум член на ВМРО ДПМНЕ и останувам на тоа. Посебно сум задоволен што не само мои сопартијци, туку и многумина неопределени, па и членови на други партии го разбираат концептот како шанса за подобра Македонија.

Фокус: Според Вас, кој е најголемиот проблем во државата и воедно најголем предизвик кој бара решение?

Лазаровски: Сведоци сме на еден период на иселување на младите од Македонија. Не сум сигурен дали ваков бран на иселување имало и за време на Отоманското ропство. Моето чувство е дека, освен критиките на политичките партии кои во моментот се во опозиција, ништо крупно не се менува на тој план, кое ќе донесе до промена на амбиентот во нашата држава. Последниве 27 години се иселија минимум 8 млади семејства, кои се мои лични пријатели. Интересно е дека не сите беа иселени од економски причини или неможност да најдат егзистенција во Македонија, туку одговорот беше дека не можат да ја издржат атмосферата која веќе со години се провлекува од осамостојувањето, на секои 5 години чекаме нешто крупно да се смени, а годините минуваат и нашите деца се гушат од политичката безидејност или растат во услови на целосно загадена животната средина. Сите чекаат некој друг да го реши проблемот, коментирајќи по социјални мрежи, по слави, родендени и на малските клупи. Но никој не се зафатил на активен пристап кон изнаоѓање на конечни решенија. Тоа е предизвикот за секој од нас. Да понудиме решенија.

Фокус: Во моменталната ситуација во која е Македонија, мислите дека не се нудат решенија?

Лазаровски: Сега кога сме блиску до започнување на преговори за влез во Европската унија и влез во НАТО, се надевам дека ќе почнеме сите да размислуваме на уредување на нашата држава, која изминативе 27 години преживеа многу предизвици и тешки одлуки, кои не мачат сите нас кои ја сакаме и сме решени да останеме во неа. Решенијата треба да дојдат од нас, да останеме тука и да се бориме.

Фокус: До кога ќе ги чекаме тие решенија, мислите дека ќе дојдат?

Лазаровски: Време е за нов концепт во нашата татковина – „Македонски концепт“, кој ќе ги обедини сите што сакаат нормална држава, каде секој ќе се чувствува рамноправен, без разлика кој е на власт, а кој опозиција, каде зборот патриотизам ќе подразбира лојалност кон државата, а не кон политичките или личните интереси, каде длабоките поделби во нашето општество ќе бидат минато. Нормална држава каде правото ќе функционира и ќе важи подеднакво за сите, без разлика на политичката или етничката припадност. Време е политичките партии да се борат со проекти и идеи, а не само со омаловажувања, црни кампањи, бомби, ситуација која изминативе години, независно кој е на власт, а кој опозиција, се повторуваат и ја продолжуваат агонијата во која сме сите заедно. И оние кои се во власта, но и оние кои ги бранат позициите на владите од минатото, треба да знаат дека македонскиот народ може да биде излажан еднаш или двапати, но нема да трпи да го лажат вечно.

Фокус: Вашиот концепт ќе започне како платформа која сака да обедини граѓани, партии и организации. Како таа платформа ќе дојде во позиција да ги спроведе своите политики? Дали можеби платформата ќе ја видиме како партија на некој следни избори?

Лазаровски: Самата јавна понуда е доволен притисок врз политичките партии да започнат со промена на нивното поведение и нормализирање на состојбата на политичката сцена во земјава.

Фокус: Што мислите за економските политики на сегашната Влада?

Лазаровски: Нискиот процент на реализација на капиталните инвестиции е можеби најслаба страна на работата на актуелната Влада, а тоа е поврзано и со економскиот развој на Република Македонија. Недостатокот на пари на пазарот, ја намалува ликвидноста на компаниите и предизвикува воздржаност од инвестиции и вложувања во напредни технологии и нови современи средства за работа. Доколку технолошкиот развој на домашните компании, заостанува зад оној на европските компании, не можеме да бидеме конкурентни и ќе ни се намалуваат шансите и можностите за развој и раст на нашата економија. Секако не е доволно да се искаже само загриженост, треба да се понудат и решенија, но надлежните треба да имаат слух за предлозите и иницијативите кои доаѓаат од приватниот сектор. Успешната реализација на капиталните инвестиции е поврзана и условена од квалитното планирање и припрема на соодветни проекти, каде ако има пропусти, подоцнежната реализација е отежната, одзема дополнително време за процедури и чини повеќе средства.

Фокус: Кои капитални проекти се приоритет за „Македонскиот концепт“?

Лазаровски: 27 години се ветува и планира изградбата на коридор 8, односно инфраструктурното поврзување со Бугарија и Албанија, а никако да видиме резултат. Дали надлежните планираат соодветно инфраструктурно решение за поврзување на пелагонискиот реон со главниот град? Дали забавената реализација на патот Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид е најсоодветното решение или имаше многу подобро преку дирекно поврзување на Велес со Прилеп и Битола? Ова се мал дел од проекти кои треба да бидат реализирани во Република Македонија, а за кои можат да се користат и средства од фондовите од ЕУ, кои се надевам ќе бидат брзо достапни, а ние да се подготвиме соодветно да ги искористиме.

Фокус: Која мерка од владеењето на владата на Никола Груевски, а која од владата на Зоран Заев би ја вметнале во Вашата платформа?

Лазаровски: Се она што е добро треба да се надгради. Проектот за привлекување на странски инвестиции на Груевски и проектот “Мој ДДВ” на Заев заслужуваат континуитет и надградба. Секако имаат и слабости, но затоа секогаш има простор за подобрување.