Македонскиот образовен систем – рефлексиите од истиот врз професиите и потребата од деетатизација и децентрализација
Многу често, се говори за адекватноста на нашиот образовен систем и за тоа какви карактеристики треба истиот да има, од колку делови и нивоа да се состои и какви и кои можности за избор да ги понуди на секој оној кој сака да го започне, развие и надгради своето знаење. Од практична гледна точка, образовниот систем треба да е компилација на услови кои овозможуваат од една страна задоволување на потребите на индивидуалецот за едукација и надградба на истата, а од друга страна на приватниот и јавниот сектор можност за регрутација на соодветни и специјално квалификувани кадри. Оттука основано може да се заклучи дека главна цел на управувачкиот апарат на една држава и нејзиниот интелектуален потенцијал, треба да е постигнување на хармонија помеѓу барањата на оние кои учествуваат и очекуваат резултати од образовниот систем.