Posted on декември 20, 2019 in Новости

Унијата на европски федералисти на Македонија со тркалезна маса: „Можности за регионална интеграција на Р. С. Македонија во ЕУ“

Како алтернатива на ЕУ избравме ЕУ. Во таа насока очекувам да бидеме поуспешни во наредната 2020 година на овој наш пат. Со овие зборови претседателот на унијата на Европски Федералисти на Македонија Петар Богојески ја отвори конференцијата насловена како „Можности за регионална интеграција во Европската Унија“.

Прв говорник на конференцијата беше претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски кој истакна дека дури и со отпочнување на преговорите со ЕУ наредната година, ни претстои долг и тежок процес на прилагодување кој ќе трае од 5 до 7 години.

Пендаровски нагласи дека важна ќе биде и регионалната соработка и интеграција во областите од взаемен интерес, потенцирајќи дека тоа ќе биде голем плус за развој на државите, што ќе придонесе забрзана интеграција на државите од Западен Балкан во ЕУ.

Следни говорници на конференцијата беа Кристофер Глук, заменик претседател на Унијата на Европски Федералисти од Европа, министерот за надворешни работи на Републиката Никола Димитров, европскиот пратеник Радан Канев, Марија Петровиќ, амбасадорот на Црна Гора и министерот за локална самоуправа Горан Милески.

Пред присутните говор имаа и потпретседателот на Собранието Зекир Рамкиловиќ, пратеникот Хари Локвенец, новинарот Драган Антоновски од МИА, Проф. Д-р Гордан Горгиев, Цветан Цветанов, директор на евроатланскиот совет за безбедност, Проф. Д-р Ненад Марковиќ, г-ѓа Весела Чернева од Европски совет за надворешни работи, г-дин Сефер Салими и претседателот на УЕФМ Петар Богојески.

Богојески истакна дека е особено битно што иницијативата за Западен Балкан т.е „Мал Шенген“ било предмет на дискусија поради фактот што Србија има официјален договор за интеграција во евроазиската унија. Самото конектирање во еден таков вид соработка не упатува на некоја си алтернатива која за нас не е алтернатива на ЕУ. Од друга страна тивкиот тон на реакциите од западниот свет веројатно се во насока да не ставаат дополнително гориво на балканскиот пламен.

Тој испрати две суштински пораки до домашната, меѓународната јавност, граѓаните и политичарите: Без суштинска измена на политичкиот систем, особено изборниот модел, што силно влијае врз политичката стабилност на земјата, мораме да се научиме да го препознаваме државниот интерес пред партискиот. Бевме сведоци на непринципиелен пристап кон прашањето за една изборна единица. Практикуваме демократија со блокада на донесување на законски решенија кои треба да се остават на Собранието да ги дискутира нормално. На овој начин сега кажува дека имаме сериозен недостаток на демократска култура
Втората порака е оној дел каде што ние се обидуваме да дадеме алтернатива. Кредибилна критика е онаа критика која нуди решение. Нашето решение произлегува од македонскиот државен интерес, но факт е дека ние имаме волја да се интегрираме во ЕУ и НАТО. Во тој поглед ја нудиме централно-балканската иницијатива како нов тип на надворешна политика во Република Македонија. Тоа е поблиска конекција бидејќи знаеме дека самиот термин „Западен Балкан“ е компромотиран во последните 20 години. Доколку Македонија инсистира да остане во некаков западен Балкан само си ги навлекуваме уште толку отворените прашања и нерешени дилеми на политиката на Србија кон Косово и БИХ. За нас тие прашања се затворени, ние целосно ја признаваме независноста на Косово, но имаме сериозна дилема дали уште треба да чекаме на српското прашање за тоа да се реши во наредните 30 години. Затоа ние ги отфрламе тие иницијативи кои не носат решение, туку дополнителни проблеми. Ние сакаме да се конектираме со ЕУ преку границата со Грција и Бугарија и Албанија која е членка на НАТО. Таа централно-балканска иницијатива може да биде во иднина едно решение за реална и суштинска интеграција во ЕУ.